|
|
Општи услови за набавка
ОПШТИ УСЛОВИ ЗА НАБАВКИ НА МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ АД
1. Област на примена
Овие Општи услови за набавки на Македонски Телеком АД – Скопје (во понатамошниот текст МКТ или “Набавувач”) се однесуваат и се применуваат исклучиво за набавки што ги врши МКТ. Сите противречни или спротивни услови на Добавувачот во однос на Општите услови за набавка на МКТ, нема да се применуваат, дури и во случај кога извршувањето на работата на Добавувачот е неспорно прифатена, и покрај познавањето на таквите услови на Добавувачот.
Составен дел на овие Oпшти услови може да бидат и следниве Посебни услови за набавка во зависност од предметот на набавката:
Примената на горенаведените Посебни услови за набавка ќе биде утврдена во конкретната Нарачка.
Доколку во самата Нарачка е утврдена примена на некој од Посебните услови за набавка ќе се применуваат конкретните посебни услови за набавка, а во тој случај овие Општи услови ќе важат само во оној дел кој не е уреден со Посебните услови за набавка.
Правата, обврските и условите дефинирани во Договор, Нарачки и/или во Посебните услови за набавка, ги исклучуваат одредбите од овие Општи услови за набавка.
Прифаќањето на Нарачката од страна на Добавувач подразбира во целост прифаќање на условите и одредбите наведените во овие Општи услови за набавка, и налозите и податоците во самата нарачката. Секоја разлика или дополнување во однос на овие Општи услови за набавка доставена од страна на Добавувачот, се неприменливи освен доколку истите како отстапување не се договорени и прифатени помеѓу Набавувачот и Добавувачот.
Доколку во рок од три (3) дена Добавувачот не ја одбие нарачката ќе се смета дека истата во целост е прифатен од негова страна.
Отпочнувањето со испораката на дел или на целата нарачка од страна на Добавувачот се смета како прифаќање на сите одредби и услови дефинирани, во Договорот без разлика дали Добавувачот го потврдил прифаќањето на истите.
1. Следниве компоненти се дел од Договорот по редоследот и приоритет на важност како што е утврдено подолу:
· Нарачката
· Спецификацијата и сите договорени технички документи
· Посебни услови за набавки
· Овие општи услови за набавка
2. Интегритет и соработка
(1) Набавувачот и Добавувачот се согласни да ги извршуваат правата и обврските кои произлегуваат од Договорот, притоа преземајќи ги сите неопходни мерки, со цел да се избегнат активности коишто може да предизвикаат економска штета .
Корисникот и Добавувачот се согласни во целост да се придржуваат кон:
· “Клаузулата за интегритет и соработка” и
· “Kлаузула за спречување на корумпирано однесување”
Овие клаузули кои се утврдени во точка 3,1 и точка 3.2 се обврзувачки за Добавувачот.
(2) Добавувачот гарантира дека сите подизведувачи кои ќе бидат ангажирани од негова страна за извршување на активности поврзани со предметот на набавката во име на Добавувачот ќе бидат запознаени со наведените принципи на Набавувачот и во целост ќе се придржуваат кон истите.
(3) Набавувачот го задржува правото да го следи почитувањето на принципите на соодветен начин со проверки по случаен избор како и во случај на постоење на сомнеж за прекршување на принципите.
Набавувачот ќе врши ваква контрола и кај подизведувачите на Добавувачот за што Добавувачот е должен за истотот да го запознае подизведувачот.
(4) Добавувачот се обврзува веднаш да го извести Набавувачот во писмена форма доколку дознае за индикации, односно доколку постои сомнеж за непочитување на принципите во рамките на неговата одговорност или во рамките на одговорноста на подизведувачот, и особено да одбегне било какви дејствија кои би можеле да го загрозат имиџот на MKT и/или да ја загрозат безбедност на MKT во однос на процесот на набавки. Набавувачот може да го раскине договорот (откаже нарачката) без претходно известување доколку дознае за таквите дејствија.
(1) Добавувачот и Набавувачот се согласуваат да ги преземат сите потребни и разумни чекори во рамките на делокругот на нивното деловно работење со цел да избегнат и да се заштитат од сериозни прекршувања на обврските при или во врска со иницирањето, поднесувањето и извршувањето на нарачките. Сериозно прекршување на обврските вклучува секаква намерна активност или не преземање на активност што прекршува некоја обврска и што предизвикува или може да предизвика материјални или нематеријални загуби кај Набавувачот (на пр. измама, нелојалност или незаконско присвојување).
Без оглед дали Набавувачот трпи загуба, сериозно прекршување на обврските за цели на оваа одредба настанува, особено, доколку:
• на членови на извршни тела, членови на Управен одбор или други вработени на Набавувачот или негови поврзани компании - без оглед на правната природа на нивните услови за вработување – коишто се одговорни за иницирање, поднесување или извршување на нарачки или се вклучени на одговорна позиција;
• лица коишто работат за Набавувачот или за компанија најмена од Набавувачот при или во врска со иницирањето, поднесувањето и извршувањето на нарачки (подизведувачи, консултанти, проект менаџери, и др.), без да бидат вработени од страна на Набавувачот,
• носители на јавни функции во државата или други земји, избрани претставници, членови на законодавството, извршни или судски тела, членови на политички партии или организации или вработени во национални и меѓународни организации или личности на коишто им се доделени јавни овластувања или коишто вршат јавни функции,
• им се понудени, ветени или одобрени придобивки (подароци, покани, провизии, хонорари, рабати, попусти и др.) за нив или за трета страна при или во врска со иницирањето, поднесувањето и извршувањето на нарачки, доколку и до степен до којшто овие придобивки се наменети или можат, врз основа на предметот, видот и опсегот на придобивката, нечесно да влијаат на услугите на овие лица.
Освен тоа, независно дали Набавувачот трпи загуба, секое намерно прекршување на правните регулативи наменети за заштита на слободната и лојална конкуренција, заштита на трговски тајни како и заштита на авторските права и правата на индустриска сопственост на Корисникот, таквото прекршување направено при или во врска со иницирањето, поднесувањето и извршувањето на нарачки, претставува сериозно прекршување на обврските за целите на оваа одредба.
(2) Доколку членови на извршни тела, членови на Управниот одбор, други вработени кај Добавувачот, подизведувачи на Добавувачот или други трети страни коишто работат за Добавувачот или за компанија најмена од страна на Добавувачот согласно Договорот помеѓу Набавувачот и Добавувачот, ја прекршат обврската во согласност со став 1 при или во врска со иницирањето, поднесувањето и извршувањето на нарачки, Добавувачот му плаќа казнени пенали на Набавувачот. Казнениот пенал изнесува 30% од бруто вредноста на нарачката.
Набавувачот има право и на надомест на штета и договорна казна од Добавувачот за компензација на штетата претрпена од страна на Набавувачот како резултат на прекршување на обврските во согласност со став 1.
Казнените пенали предвидени тука не се наложуваат доколку прекршување на обврските во согласност со став 1 било направено од страна на подизведувач на Добавувачот, изборот на подизведувач бил побаран од Набавувачот, а членовите на извршните тела, членови на Управниот одбор или други вработени на Добавувачот не биле вклучени во или не знаеле за прекршувањето на обврските.
(3) Доколку лицата/компаниите наведени во став 2 ги прекршат обврските во согласност со став 1 при или во врска со иницирањето, поднесувањето и извршувањето на нарачки, Набавувачот има право да го раскине Договорот без известување за причините.
Доколку постои основана причина за сомневање за прекршување на обврските во согласност со став 1, односно на Добавувачот може да му се оневозможи да учествува во барања за прибирање на понуди и реализација на нарачки за период од четири (4) месеци до три (3) години. Во особено сериозни случаи, забраната може да се продолжи до седум години. На Добавувачот исто така може да му се оневозможи да учествува во барања за прибирање на понуди и реализација на нарачки
(4) Добавувачот се согласува да соработува во одбраната од и во идентификувањето на можните прекршувања на обврските во согласност со став 1. Добавувачот особено се согласува да му обезбеди на Набавувачот информации достапни во рамките на делокругот на неговото деловно работење и област на одговорност потребни за идентификување на проблемот или да ги направи тие информации достапни за Набавувачот доколку има доволна прелиминарна основа за верување (прелиминарен сомнеж за прекршување) дека имало прекршување на обврските во согласност со став 1. Доколку заштитата на трговските тајни на Добавувачот не дозволува предавање или комуницирање на овие информации до корисникот, Добавувачот се согласува да ги обезбеди информациите или да ги направи достапни за трета страна избрана од Набавувачот којашто е обврзана со професионална должност за чување на тајни (на пр. ревизор, даночен консултант или адвокат).
(5) Доколку Добавувачот стане свесен за одредени факти што даваат основа за сомнеж за прекршување на обврските во согласност со став 1 во рамките на делокругот на деловно работење на Набавувачот, треба да го извести Набавувачот за истото без неоправдано одложување. Ова особено важи во случаи кога лицата наведени во став 1 бараат придобивки од видот наведен во став 1 за нивните услуги, или за нив или за трета страна, или ја демонстрирале нивната подготвеност да дозволат да се влијае на нив со одобрување на такви придобивки при извршувањето на нивните услуги при или во врска со иницирањето, поднесувањето и извршувањето на нарачки.
(6) Доколку Добавувачот ги прекрши обврските коишто му се наложени во согласност со став 4 или став 5, Набавувачот има право да се повлече од Договорот. Ова не го исклучува правото на Набавувачот да бара надмест на штета и договорна казна од Добавувачот.
3.2. Клаузула за спречување на корумпирано однесување.
Добавувачот е запознаен со обврската на МКТ да ги почитува правилата и принципите за спречување на корупција што се релевантни за договорните страни и со склучувањето на договорот добавувачот е согласен дека нема да прима пари или друг надомест исплатен од МКТ за незаконски цели, вклучително и цели коишто го прекршуваат Законот за спречување на корупција на Република Македонија, како што се вршење или предизвикување на вршење на директни или индиректни плаќања на кој било јавен службеник [2] за да му помогне на Македонски Телеком АД – Скопје или на некој што делува во негово име да стекне или да задржи бизнис со или да го насочи бизнисот кон некое лице или да обезбеди каква било несоодветна предност.
Членовите, раководителите, вработените и сопствениците на Добавувачот не се јавни службеници и Добавувачот не извршил и нема да изврши вработување/ангажирање или на друг начин да надомести или да понуди да надомести кој било јавен службеник, или да направи или да предизвика да направи било какви директни или индиректни понуди или плаќања на кој било јавен службеник, со цел да влијае или да доведе до која било одлука во корист на МКТ.
Доколку некој член, раководител, вработен и сопственик на Добавувачот е јавен службеник, Добавувачот се обврзува дека ќе достави изјава до МКТ во рок од три (3) работни дена по примање на нарачката за набавка, за тоа кој член, раководител, вработен и сопственик на Добавувачот е јавен службеник и нивната позиција во јавна службата каде што ја има секој пооделно. МКТ ќе ја потврди или ќе ја повлече својата нарачка за набавка во рок од три (3) работни дена по добивање на таквата изјава или може да побара од Добавувачот да достави дополнителни податоци.
Добавувачот нема да вработи/ангажира каков било подизведувач, консултант, застапник или претставник во врска со овој договор без темелен документиран преглед на лицето и неговата репутација и интегритет.
Добавувачот нема да вработи/ангажира каков било подизведувач, консултант, застапник или претставник којшто не ги почитува правилата и принципите за спречување на корупција и во случај на какво било прекршување за истото веднаш ќе го информира МКТ.
Добавувачот ќе обезбеди информации во рок од четиринаесет (14) дена од писменото барање од МКТ во врска со примените или искористените плаќања според овој договор.
4. Одговорност
(1) Добавувачот одговара за материјалните недостатоци на било кој предмет што тој ги имал во моментот на преминување на ризик врз Набавувачот, без оглед дали тоа му било познато.
(2) Добавувачот одговара и за оние материјални недостатоци што ќе се појават по преминувањето на ризикот врз Набавувачот ако се последица од причина што постоела пред тоа.
(3) Добавувачот одговара ако врз продадениот предмет постои некое право на трет што го исклучува, намалува или ограничува правото на Набавувачот, а за чие постоење Набавувачот не бил известен, ниту се согласил да го земе предметот оптоварен со тоа право.
(4) Добавувачот може, дел од договрените обврски односно работите да отстапи на подизведувач, со претходно известување до Набавувачот, но во ваков склучај Добавувачот одговара за изведените работи кои ги отстапил на подизведувач како сам да го сторил тоа.
(5) Одговорноста на Добавувачот за намерата или крајното невнимание е неограничена.
5. Преминување на ризик
(1) До предавањето на предметот на Набавувачот, ризикот за случајно уништување или оштетување на предметот го поднесува Добавувачот, а со предавањето на предметот ризикот преминува врз Набавувачот.
(2) Ризикот не преминува врз Набавувачот ако Набавувачот поради некој недостаток на предадениот предмет го раскинал договорот или барал замена на предметот.
(3) Ако предавањето на предметот не е извршено поради задоцнување на Набавувачот ризикот преминува врз Набавувачот во моментот кога паднал во задоцнување.
(4) Кога предметот на договорот се предмети определени според родот, ризикот преминува врз Набавувачот во задоцнување ако Добавувачот ги издвоил предметите очигледно наменети за извршување на предавањето и за тоа му испратил известување на Набавувачот.
(5) Кога предметите определени според родот се од таква природа што Добавувачот не може да издвои еден нивни дел, доволно е Добавувачот да ги извршил сите дејствија што се потребни за да може Набавувачот да ги преземе предметите и за тоа да испратил известување до Набавувачот.
6. Право на патент, заштитено трговско име и индустриска сопственост на трета страна
(1) Добавувачот гарантира дека продажбата или употребата на опремата / услугите опфатени со нарачката не ги прекршува правата на заштита на патент, трговско име и индустриска сопственост во Р.М. или надвор од неа.
(2) Добавувачот ќе го обесштети Набавувачот во однос на сите покренати постапки и настанати штети од сите судски одлуки, давачки, адвокатски трошоци што произлегуваат од таквото прекршување на употреба на патент, заштитено трговско име и индустриска сопственост, на прво писмено барање од страна на Набавувачот упатено до Добавувачот.
(3) Во случај на продажба на опрема/ услуги со заштитено патентно право, трговски име или индустриска сопственост од трета страна, Добавувачот со претходно писмено одобрување од Набавувачот има право да набави:
-за сметка на Добавувачот и да му даде право на користење на Набавувачот или
-да ја врати испорачаната опрема или дел од неа со што нема да ги прекршува правата на индустриска сопственост на трета страна или
-да го прифати одбивањето на Набавувачот да ја прими опремата/ услугата и да побара враќање на платените средства (доколку има) и на настанатите трошоци за превоз, инсталација и сл.
(4) Набавувачот не е одговорен за обесштетување на Добавувачот на било кој начин, во случај на прекршување на право на индустриска сопственост на трета страна .
7. Уредување на договорните односи
(1) Изведувачот ги извршува договорените услуги независно и на сопствена одговорност, согласно начелата на слободното уредување на договорните односи.
(2) Изведувачот е единствено одговорен и за извршувањето на правата и обврските во врска со предметот на набавката од страна на сопствените вработени или подизведувачите со кои има склучено договор за соработка однсно кои ги ангажира. Изведувачот има слобода да го организира начинот на обезбедувањето на услуги и да прави распоред на своите активности во рамките на договореното.
(3) Изведувачот, има право, до степенот што го оправдува постигнувањето на целта на набавката и доколку тоа е прифатливо за Набавувачот (за секој поединечен случај одделно) да соработува со трети страни како негови подизведувачи.
8. Цени и услови на плаќање
(1) Договорената цена наведена во нарачката е фиксна цена до целосната реализација на набавката, вклучувајќи испорака до централниот магацин на Набавувачот или до објектот на Набавувачот, како што е наведено во нарачката од Набавувачот. Цената го вклучува превозот, осигурувањето, пакувањето и сите други трошоци што може да настанат при испораката/ подготвувањето за употреба/пуштањето во употреба на локација на Набавувачот, освен ако не е поинаку договорено.
(2) Договорената цена ги вклучува трошоците за сите инсталирања/ интегрирања и изведување на работата, на под-изведувачи на Добавувачот што може да се јават како неопходно потребни, а кои треба да се изведат од Добавувачот дури и по вообичаените работни часови, без да влијаат на тековното работење на Набавувачот.
(3) Реализацијата на нарачката опфаќа и достава на соодветни Упатства за работење, употреба и одржување, како и сите неопходни документи за правилна употреба на опремата, на македонски и англиски јазик. Сите упатства и целата документација наменета за Набавувачот, е вклучена во цената од нарачката, освен ако поинаку не е наведено и договорено со нарачка
(4) За секоја испорака, Добавувачот треба да достави фактура/ сметка во два (2) примерока, придружена со Потврдата за прием или Потврдата за прием на стоки во магацин, потпишани од страна на одговорните лица на Набавувачот и Добавувачот. На фактурата/ сметката како Набавувач да биде назначен:
Македонски Телеком АД – Скопје, Кеј 13-ти Ноември бр.6
Добавувачот фактурата/ сметката ја доставува на следната адреса:
Македонски Телеком АД – Скопје
Архива, Сектор за корпоративни финасии
Кеј 13-ти Ноември бр.6,
1000 Скопје
(5) Фактурата на Добавувачот треба да ги содржи следните ставки, во спротивно Набавувачот ќе ја смета за непотполна и ќе ја врати до Добавувачот:
· Податоци за Добавувачот: име, адреса, даночен број и број на сметка во банка
· Податоци за Набавувачот: Македонски Телеком АД -Скопје, 1000 Скопје, Кеј 13-ти Ноември бр.6
· Број на нарачката на Набавувачот, број на Потврдата за прием или Потврда за Прием на стоки во магацин .
· Ставки пропишани со закон (пр: датум на фактурата, рок за плаќање, наведени услуги, количина, единечна цена, вкупна цена, нето износ, процент и износ на ДДВ паритет на испорака - во согласност со INCOTERMS 2000 и сл.)
· Потврда за прием или Потврда за прием на стоки во магацин во прилог
· Валута
(6) Плаќањето ќе се изврши во рок од 90 календарски дена (за странки физичи и правни лица) односно 60 календарски дена (за домашни правни и физички лица), по извршувањето на услугатa или испораката на стоката и приемот на фактурата задолжително придружена со Потврда за прием или Потврда за прием на стоки во магацин. По исклучок рокот за плаќање може да биде поголем од 90 календарски дена (за странки физичи и правни лица) односно 60 календарски дена (за домашни правни и физички лица) но не подолг од 120 дена, доколку постои согласност од Добавувачот и Набавувачот искажана (i) во Договор (ii) со доставена нарачка која е прифатена од Добавувачот и врз основа на која се издадава фактура со ваков прифатен поинаков рок за плаќање и (iii) со посебна писмана согласност. Датум на прием на фактурата е датумот кога Централната архива на Набавувачот ја примила фактурата. Архивата на Набавувачот треба да стави печат/штембил на секоја фактура. Пресметувањето на рокот за плаќање започнува од овој датум.
(7) Доколку рокот за плаќање се падне на неработен ден или државен празник, тогаш рокот за плаќање се поместува на наредниот работен ден. Плаќањето ќе се смета за извршено кога сметката на Набавувачот е задолжена или е извршена компензација.
(8) Секој договор со добавувачите кои што се регистрирани во Република Македонија треба да се склучува во денари. Во случај на домашни набавки поврзани со увоз, или домашни договори за изнајмување, договорот може да содржи девизна клаузула, според која вредноста на услугите и/или стоките може да се наведе во Евра. Услугите и/или стоките би можеле да се наведат и во американски долари (УСД) доколку увозот е поврзан со пазар надвор од ЕУ и добавувачот инсистира на наведување во УСД , но договорот во секој случај треба да пропишува дека фактурата на добавувачот треба да биде издадена и платена во денари според средниот курс на Народна Банка на РМ на датумот на издавањето на Потврдата за прием /Потврда за Прием на стоки во магацин.
Секој договор склучен со странски добавувачи (односно добавувачи регистрирани во други држави) се склучува во Евра. Договор може да се склучи и во американски долари (УСД) доколку добавувачот е надвор од пазарот на ЕУ и инсистира договорот да биде во УСД.
(9) Каматата за задоцнети денарски плаќања не смее да ја надмине законски утврдената казнена камата
Каматната стапка за задоцнети плаќања во странски валути се препорачува да не надмине тримесечен ЕУРИБОР +2% (годишно) за плаќања во Евра, додека за плаќања во УСД се препорачува да не се надмине каматната стапка од тримесечен ЛИБОР +2% (годишно).
(10) Добавувачот и Набавувачот се согласни, со Договорот да утврдат можност за примената на клаузула за договорна компензација.
9. Дозволи, одобренија, даноци и слично
(1) Освен ако не е поинаку договорено, Добавувачот е одговорен за добивање и плаќање на сите извозни и увозни дозволи или лиценци неопходни за реализација на нарачката.
(2) Доколку Набавувачот од странски добавувач користи услуги кои подлежат на плаќање на данок на задршка, Набавувачот е должен од бруто договорената цена да го задржи и уплати данокот на задршка (“withholding tax”), за сметка на Добавувачот, доколку:
- Добавувачот е резидентен во земја со која Република Македонија нема склучено договор за одбргнивање на двојно оданочување;
- Добавувачот е резидентен во земја со која Република Македонија има склучено договор за одбегнување на двојно оданочување, но истиот до Набавувачот нема доставено сертификат за резидентство или
- Добавувачот е резидентен во земја со која Република Македонија има склучено договор за одбегнување на двојно оданочување и има доставено сертификат за резиденство, но согласно наведениот договор дел од приходот може да се оданочи и во Република Македонија.
(3) Договорените цени во нарачката се нето цени, без вклучен ДДВ.
10. Испорака, реализација, пакување и документација
(1) Запазувањето на рокот за испорака е суштинско за реализација на нарачката. Добавувачот мора да го запази наведениот рок за испорака/извршување на нарачката.
(2) Добавувач пред испораката треба да му достави Известување за испорака, со наведен број на нарачка, предмет на нарачката, име на Добавувачот, фактура, товарен лист, податоци за шпедитерот.
На пакувањето треба соодветно да биде наведен број на нарачката, предметот на набавката и целосната адреса на Набавувачот.
(3) Добавувачот е слободен да ги избере начинот на превоз и превозникот, како и компанијата за осигурување.
(4) Добавувачот се обврзува да ги обезбеди следните документи што треба да се приложат кон транспортот, онаму каде што е применливо:
а)Товарен лист (странски добавувач) еден (1) оригинал и две (2) копии
б)Комерцијална фактура од Понудувачот еден (1) оригинал и две (2) копии
в)Спецификација за утовар еден (1) оригинал и две (2) копии
г)Испратница еден (1) оригинал и три (3( копии
д)Потврда за осигурување (странски добавувач) две (2) копии
ѓ)Сертификат за потекло (ЕУР 1 или слично еден (1) оригинал (странски добавувач)
(5) Пред испорака на опремата Добавувачот по факс ќе ги испрати следните документи:
1.Комерцијална фактура со спецификација на цените на артиклите
2.Спецификација за утовар
(6) Набавувачот ќе ја потврди точноста на документите колку е можно побргу но не подоцна од 24 часа по нивниот прием по факс, доколку наредните 24 часа се во работен ден.Добавувачот не смее да започне со испорака пред Набавувачот да испрати потврда дека се пристигнати документите наведени во 1 и 2, погоре.
(7) Добавувачот ќе обезбеди такво пакување на опремата, со оглед на тоа дека е потребно таа да се заштити од оштетување или пропаѓање за време на нејзиниот транспорт до крајната дестинација, како е одредено со Нарачката.
(8) Добавувачот е одговорен за сите оштетувања кои се резултат на неправилно пакување на опремата која треба да се испорача.
Цената на пакувањето, ознаките и документацијата во и на надворешната страна на пакетите е вклучена во цената од Нарачката.
11. Договорна казна и надомест на штета
(1) Доколку не е поинаку договорено помеѓу Добавувачот и Набавувачот, во Нарачката или во посебните услови за набавка и доколку договорната казна не е определена според наод на Набавувачот, во вкупен износ или на некој друг начин, во случај на задоцнување со исполнувањето или неуредно исполнување, ќе се наплатува договорна казна и тоа:
(2) Добавувачот се обврзува да плати договорна казна на Набавувачот во случај на задоцнување со роковите за исполнувањето (испораката/ извршување на услугата, поправка и замена на несоодветната опрема/ услуга) или неуредно исполнување, во висина од 1% дневно и/или час од вредноста на нарачката, како и во случај на неуредно исполнување на своите обврски, а најмногу до 30% од вкупната вредност на
нарачката.
(3) Основица за пресметување на договорната казна претставува Нарачката, односно вкупниот износ без ДДВ.
(4) Набавувачот го задржува своето правото да бара договорна казна поради задоцнување и во случај ако Набавувачот го примил исполнувањето на обврската.
(5) Договорна казна нема да се засметува и наплатува во случаите:
- ако до продолжување на рокот дошло поради неисполнување или неблаговремено и нецелосно исполнување на обврските од страна на Набнавувачот
- ако продолжениот рок е договорен дополнително, во согласност на страните
- виша сила
(6) Договорната казна, Набавувачот ќе ја наплати врз основа на доставена фактура на име договорна казна.
(7) Доколку Набавувачот претрпел штета која ја надминува висината на договорната казна, Набавувачот ќе бара и разлика до целосниот надомест на штета.
(8) За штетите кои ќе ги предизвика Добавувачот со неисполнувањето на своите обврски од нарачката и овие Општи услови за набавка, Добавувачот е должен да му ги надомести на Набавувачот.
(9) Доколку Добавувачот е одговорен за направена штета врз основа на одговорност за материјалните недостатоци на предметот на набавката (Product liability), тој се обврзува да го обештети Набавувачот во случај на барања за оштета од трети лица. Набавувачот треба веднаш да го извести Добавувачот за таквите барања за оштета при што нема да врши плаќања или да ги признава барањата без консултација.
12. Неизвршување на обврските од страна на Добавувачот
(1) Во случај на неизвршување на обврските од страна на Добавувачот се применуваат законските одредби, освен доколку не е поинаку определено.
(2) Набавувачот кој навремено и уредно го известил Добавувачот за недостатокот може:
- да бара од Добавувачот да го отстрани недостатокот или да му предаде друг предмет без недостаток (исполнување на договорот);
- да бара намалување на цената;
- да изјави дека го раскинува договорот.
Во секој од овие случаи Набавувачот има право и на надомест на штетата.
(3) Покрај тоа, и независно од тоа, Добавувачот му одговара на Набавувачот и за штетата што овој поради недостаток на предметот ја претрпел на другите свои добра, и тоа според општите правила за одговорноста за штета согласно ЗОО (Закон за облигационите односи).
13. Гаранција
(1) Добавувачот гарантира дека производите/ услугите нарачани со нарачката се испорачани според нарачаниот квалитет и истите се соодветни за предметната намена за која Набавувачот има намера да ги користи.
(2) Добавувачот експлицитно гарантира дека нарачаните и испорачани производи/ услуги овде опфатени се испорачани без дефекти во изработката, материјалот и извршувањето, и во потполност одговараат на спецификациите, инструкциите, цртежите, податоците, валидните прописи и мостри (доколку имало).
(3) Гарантиот рок што го обезбедува Добавувачот/производителот започнува од денот на преминување на ризикот или доколку е потребен прием - по извршувањето на приемот од страна на Набавувачот односно пуштање во работа.
(4) Добавувачот/производителот е должен да обезбеди и да му предаде на Набавувачот гарантен лист (со кој Добавувачот/производителот го гарантира исправното функционирање на предметот во текот на определеното време, сметајќи од денот на примопредавањето односно од денот на пуштањето во употреба) кој задолжително содржи:
- назив и седиште на Добавувачот (давачот на гаранција);
- податоци за производот со кој се идентификува производот;
- изјава за гаранција и за условите на гаранцијата;
- траење на гарантниот рок;
- назив на Набавувачот, датум на продажба, печат и потпис на овластениот работник, а ако се во во прашање постројки, уреди, опрема, и други средства – назив и седиште на Добавувачот, датум на пуштање во употреба и потпис на овластениот работник.
(5) Набавувачот поради неиправно функционирање, ќе бара од Добавувачот/производителот поправка (во рок утврден во нарачката) или замена на производот.
(6) Трошоците за материјал, резервни делови, работата, пренос и превоз на опремата/производот што ќе настанат при отстанување на дефектите, односно замената на производот со нов производ по основ на гаранцијата, паѓаат на товар на Добавувачот.
Добавувачот е должен на своја сметка да го пренесе предметот/производот до местото каде треба да го поправи, односно да се замени, како и поправениот предмет/производ да му го врати назад на Набавувачот.
За тоа време Добавувачот/производителот го поднесува ризикот од пропаѓање или оштетување на предметот.
(7) Во случај на рекламација (поправка или замена) во гарантен рок, гарантниот период се продолжува за период еднаков на периодот за време на кој Набавувачот не можел да ја користи делумно или целосно опремата/ услугата или гарантниот рок почнува повторно да тече од извршената замена.
(8) Производот (Опремата) која не е примена од страна на Набавувачот поради несоодветност со нарачката, неквалитет или кај која се јавува рекламација во гарантен рок, ќе му биде вратена на Добавувачот, на трошок на Добавувачот, вклучувајќи ги и транспортните и манипулативните трошоци. Трошоците на Набавувачот за проверка на испорачаната опрема, може да се бара да бидат покриени од страна на Добавувачот.
Доколку испорачаната опрема/ услуга не ги исполни условите и одредбите наведени во нарачката, Набавувачот го задржува правото да не ја прими целата испорачана опрема/ извршена услуга или делумно да ја прими испорачана опрема/ извршена услуга или во потполност да ја прими испорачана опрема/ извршена услуга. Независно од дејството на Набавувачот, Набавувачот ги задржува сите права во однос на Добавувачот во случај на несоодветни испораки.
14. Заштита на животната средина
Добавувачот треба да се придржува на правата и обврските во обезбедувањето услови за заштита и унапредување на животната средина и природата.
Добавувачот при извршување на предметот на набавката е должен да примени систем за заштита и унапредување на животната средина и природата во согласност со позитивно правните законски прописи во РМ и меѓународни стандарди кои се однесуваат на заштитата на животната средина, а кои се прифатени во РМ.
15. Доверливост
Добавувачот прифаќа дека како резултат на или во текот на извршувањето на предметот на набавката, во согласност со Договорот или на друг начин ќе прими или ќе дојде до доверливи технички, финансиски, бизнис и комерцијални информации кои се однесуваат на деловните потфати, производи/услуги, простории, технологии, инфраструктура и процеси/процедури на Набавувачот (во вербална форма, во електронска или печатена верзија) („Доверливи информации“).
Добавувачот ја презема одговорноста да ја обезбеди доверливоста на Доверливите информации во секое време и да ги чува сите Доверливи информации на сигурно и да ги заштити од кражба, оштетување, губење или неовластен пристап. Добавувачот се обврзува дека во ниту еден момент, било во времето на извршување на предметната набавка или во било кое време по завршувањето на предметната набавка, без претходна писмена согласност од Набавувачот, директно или индиректно нема да користи, открива, експлоатира, копира или менува било какви Доверливи информации, ниту пак ќе овласти или ќе му дозволи на трето лице да го направи истото, за цел која е различна од единствената цел за исполнувањето на правата и обврските од овој договор. Добавувачот може да ги открие Доверливите информации на трето лице само со претходна писмена согласност од Набавувачот.
Добавувачот и Набавувачот можат да ги откријат Доверливите информации само на соодветните менаџери и вработени на кои им е потребен пристап до доверливите информации, согласно предметот на конкретен договор, како и на своите Партнери само до оној степен до кој Партнерите имаат потреба да знаат заради причини поврзани со реализирање на целта на конкретен договор. Партнери на Македонски Телеком се Т-Мобиле Македонија, Маѓар Телеком, T-Мобиле Интернационал и Дојче Телеком. Добавувачот и Набавувачот треба да се осигураат дека лицата на кои им е се откриени доверливите информации се запознаени и се придржуваат кон обврските за доверливост наведени во овој член.
Постоењето на Договор и неговите услови се доверливи за Добавувачот и Набавувачот . Договорот и неговите услови не можат да бидат откриени на трето лице без претходна писмена согласност од другата договорна страна, освен доколку тоа откривање е засновано на закон, регулатива или налог од надлежен орган.
16. Заштита на личните податоци
Добавувачот ја гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци до кои ќе има пристап врз основа на Договор, согласно важечката законска регулатива за заштита на лични податоци. Добавувачот се обврзува да ги почитува начелата за заштита на лични податоци.
Во текот на реализацијата на Договорот, доколку Добавувачот има пристап до лични податоци, истиот се обврзува дека нема да ги обработува (складира, модифицира, пренесува, блокира или брише) или да ги користи вон договорените рамки, ниту да ги прави достапни таквите податоци на трети лица.
Под поимот личен податок се подразбира секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува, а лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет.
Под поимот обработка на личните податоци се подразбира секоја операција или збир на операции што се изведуваат врз лични податоци на автоматски или друг начин, како што е: собирање, евидентирање, организирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, изедначување, комбинирање, блокирање, бришење или уништување.
При собирањето, обработката и користењето на личните податоци заради реализација на предметот на Договорот, Добавувачот се обврзува да постапува согласно со упатствата дадени од Набавувачот.
Добавувачот е обврзан да ги преземе сите неопходни технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци, зависно од категориите на лични податоци кои треба да се заштитат, со цел да се спречи неовластено откривање или пристап, незаконско уништување или губење, преправање или какви било незаконски облици на обработка.
Добавувачот ќе обезбеди доследно исполнување на техничките и организациските мерки заради исполнување на целите наведени во овој член, а согласно прописите за заштита на лични податоци. Добавувачот е должен да ги информира своите вработени кои ќе имаат овластен пристап до лични податоци на Набавачот, во обем неопходен за реализација на нивните обврски за почитување на прописите за заштита на личните податоци.
Набавувачот има право да врши периодични проверки на преземањето на техничките и организациските мерки за обезбедување на тајност и заштита на обработката на личните податоци од страна на Добавувачот.
17. Раскинување или престанок на Договорот од оправдани причини
(1) Набавувачот може да го раскине Договорот (откаже нарачката) согласно законските прописи, а има право да го раскине Договорот (откаже нарачката) и по сопствено наоѓање, еднострано без отказен рок.
Набавувачот има право да го раскине Договорот (откаже нарачката) во целост или делумно во секое време без да наведе причината за истото.
Договорот ќе биде раскинат односно нарачката ќе биде откажана, особено доколку набавувачот дојде до заклучок дека целта што требало да се постигне со набавката не може да се постигне.
МКТ може веднаш да го раскине Договорот доколку Добавувачот го прекрши Законот за спречување на корупција на Република Македонија или одредбите Клаузула за спречување на коруптивно однесување утврдена во точка 3.2, како и доколку ги прекрши одредбите од Клаузулата за интегритет и соработката утврдена во член 3,1.
(2) Која било од страните може да го раскине Договорот (откаже нарачката) без отказен рок доколку :
· некоја од договорните страни се најде во состојба да не може да ги извршува повеќе своите обврски (стечај или ликвидација);
· Се исполнат други услови за раскинување согласно Законот за облигациони односи.
18. Завршни одредби
(1) За прашањата кои не се регулирани во Нарачките и/или во Посебните услови за набавка доколку конкретната набавка е подведена под некој од Посебните услови за набавка односно во овие Општи услови за набавка на Набавувачот, ќе се применуваат одредбите согласно Законот за облигациони односи и законите на Р.М.
(2) Во случај на спор, ќе решава надлежниот суд во Скопје, Р.М., согласно македонското законодавство.
(3) Доколку некоја од одредбите од Општите услови за набавка не е валидна за предметната нарачка, тогаш останатите одредби од општите услови за набавка остануваат да важат за нарачка.
(4) Нарачката, правата и обврските што произлегуваат од истата, не смее да се доделат, префрлат или пренесат на трета страна, без претходна писмена согласност од страна на Набавувачот и секоја обид за префрлање или префрлена обврска од страна на Добавувачот на трета страна, без писмена согласност од Набавувачот, ќе се смета за ништовен и неважечки.
(5) Само условите наведени во овие Општи услови за набавка се сметаат за важечки и обрзувачки договор помеѓу Набвувачот и Добавувачот, освен доколку не е поинаку наведено во нарачката од Набавувачот.
Добавувачот има обврска да ја прифати или одбие нарачката во рок од 3 (три) работни дена од датата на нејзино доставуавање до Добавувачот по електронски пат, факс или писмено на адреса на МКТ, и истата ќе се смета за прифатена во целост и согласно Општите услови за набавка, доколку во Нарчаката не е утврдено дека за конкретниот предмет ќе се постапува согласно Посебните услови за набавка .
Доколку добавувачот нарачката не ја одбие во определениот рок, ќе се смета дека добавувачот ја прифатил нарачката.
Овие Општи услови за набавка стапуваат во сила со денот на нивното усвојување, а се применуват од денот на нивното објавување на официјалната веб страна на Македонски Телеком АД - Скопје.
[1]Правно обврзувачка спогодба постигната помеѓу страните без разлика на формата
[2] Под „Јавен службеник“ во смисла и за целите на правилата и принципите за спречување на корумпирано однесување се подразбираат: претставници, именувани лица или вработени на (i) влада или кој било друг државен сектор, агенција или органи на истите (законодавни, административни и судски), (ii) регионално владино тело, или (iii) јавна меѓународна организација; лица кои постапуваат по службена должност или извршуваат јавна функција за или во име на која било влада или сектор, агенција или органи на истите, регионално владино тело или јавна меѓународна организација; претставници на политичка партија (или политичка партија во целина); кандидати за јавни службе; претставници на меѓународни јавни организации, како што се Обединетите Нации или Светска Банка; поединци кои имаат функционален авторитет како службеник, но не се вработени во владата; консултанти и специјални советници на јавни служби или јавни службеници; службеници и вработени во претпријатијата и институциите во државна сопственост, дури и оние што работат со комерцијален капацитет, вклучувајќи ги болниците, здравствените институции и универзитетите.
|
|
|